Европа сака да ја намали зависноста од увозот на критични минерални суровини, но решението не го гледа само во отворањето нови рудници. Сè поголемо значење добива уште еден извор – минералите што веќе се наоѓаат во производите, индустрискиот отпад и старите материјали. Токму затоа рециклирањето е еден од важните столбови на Европскиот Акт за критични суровини – Critical Raw Materials Act (CRMA). Актот поставува цел до 2030 година најмалку 25 проценти од годишната потрошувачка на стратешки суровини во ЕУ да се покриваат преку рециклирање. Истовремено, ЕУ цели сопствениот капацитет за екстракција да покрива најмалку 10 проценти од потребите, а за преработка најмалку 40 проценти.
Рудникот повеќе не е единствениот извор
Литиумот, кобалтот, никелот, бакарот, манганот, графитот и ретките земни елементи се неопходни за батерии, електрични возила, обновливи извори на енергија, електрични мрежи, електроника и одбранбената индустрија. Но, кога овие материјали еднаш ќе влезат во производите, тие не мора да се сметаат за „изгубени“ кога производот ќе стане отпад. Стара батерија, електромотор, електронски уред, индустриски отпад или метален отпад можат да станат секундарен извор на суровини. Овој пристап годинава добива уште поконкретна форма. Во мај 2026 година Европската комисија донесе регулатива со која се утврдува листа на производи, компоненти и текови на отпад што имаат релевантен потенцијал за обновување на критични суровини. Тоа треба да им помогне на земјите членки при креирањето национални мерки за циркуларност.
Ова особено се однесува на:
- Истрошени батерии од електрични возила.
- Стари паметни телефони, компјутери и друга електроника (Е-отпад).
- Ветерогенератори и соларни панели кои се надвор од употреба.
- Индустриски згури и остатоци од стари рудници.
25 проценти до 2030 година
Целта на CRMA е јасна: до крајот на деценијата рециклирањето треба да стане значаен дел од европското снабдување со стратешки суровини. Но, за тоа не е доволно само да се зголеми бројот на центри за отпад. Потребен е цел систем – од собирање и селекција, преку преработка, до извлекување на конкретните минерали и нивно повторно враќање во индустријата. Европската комисија затоа предвидува земјите членки да преземаат мерки за подобро собирање на отпад богат со критични суровини и за негово преработување во секундарни суровини. Државите членки се обврзани да воведат национални програми за собирање и рециклирање на производи кои содржат критични минерали.
Рударскиот отпад како „скриен“ ресурс
За рударскиот сектор ова отвора уште едно важно прашање – што се случува со материјалот кој останува по ископувањето и преработката на рудата? Во јаловиштата и другите форми на екстрактивен отпад може да има материјали кои во времето кога рудата била експлоатирана немале економска вредност, но со новите технологии и промените на пазарот можат повторно да станат интересни. CRMA посебно бара земјите и операторите да го разгледуваат потенцијалот за обновување критични суровини од екстрактивен отпад. Тоа значи дека старите рударски депонии потенцијално можат да добијат нова економска функција. Наместо само трошок за одржување и санација, дел од нив може да се разгледува и како секундарен ресурс.
Шанса и за Македонија
За македонскиот рударски и металуршки сектор, оваа европска регулатива не е само обврска, туку и историска шанса која отвора простор да се размислува пошироко. Македонија веќе презема чекори за усогласување преку предложените нови законски решенија за рударство и геологија и креирањето на сопствена Листа на критични и стратешки минерални суровини. Меѓутоа, вистинскиот потенцијал лежи во конкретни, стратешки акции во сферата на секундарната преработка. Како земја со развиена металуршка традиција и стручен кадар, Македонија може да привлече странски инвестиции за изградба на напредни погони за сепарација и рециклирање. Европската комисија веќе отвора повици за зелени инвестиции во Западен Балкан токму во секторот за критични суровини. Ова може да биде шанса и за решавање на еколошките проблеми врзани за прашањето на постојните јаловишта и многубројните депонии со е-отпад.



