Европската комисија даде зелено светло за воспоставување на првиот центар за стратешки резерви на критични суровини во Европската Унија, кој ќе биде лоциран во индустриската и пристанишна зона Порто Маргера во Венеција, соопшти италијанското Министерство за претпријатија и „Мејд ин Итали“ (MIMIT).
Проектот е заедничка иницијатива на Италија и Холандија, а како главен носител се јавува италијанската државна развојна банка „Каса Депозити е Престити“. Целта на овој систем, чиј пилот-буџет изнесува 14 милиони евра, е да им овозможи на европските индустриски производители сигурен пристап до суровини во случај на ненадејни пазарни шокови или прекини во меѓународните синџири на снабдување.
„Ова е важно признание за Италија, која презема водечка улога во голем европски проект за заштита на деловниот сектор. Сега е потребна посветеност од сите за оваа иницијатива да се претвори во силен двигател на производствените активности“, изјави италијанскиот министер за индустрија Адолфо Урсо, најавувајќи дека првите тестирања за набавка, складирање и дистрибуција на суровини во Порто Маргера ќе започнат во 2027 година.
Фокус на ретки земјени елементи и волфрам
Во почетната фаза, стратешките резерви ќе бидат насочени кон две групи суровини кои се од витално значење за европската економија, зелената транзиција и одбранбената индустрија.
Првата се ретките земјени елементи кои се неопходни за производство на трајни магнети во електричните возила, ветерните турбини, електрониката и воената опрема.
Вората е волфрамот како клучен метал со висока отпорност на абење и високи температури, кој има широка примена во машинството, авионската индустрија и одбранбените системи.
Дали суровините ќе се чуваат во форма на руда, концентрат или веќе рафинирани метали и легури, допрва ќе се утврди преку физибилити-студија, во зависност од европските капацитети за преработка и техничките услови за складирање.
Поврзана логистичка мрежа и можност за користење напуштени рудници
Наместо да функционира како изолиран магацин, центарот во Порто Маргера е замислен како јадро на поширока логистичка мрежа која ги поврзува поморските рути со внатрешноста на Европа.
Во системот ќе бидат вклучени и пристаништата во Трст и Равена, кои обезбедуваат директен влез за рефус товар и поврзување со пазарите во Централна и Источна Европа како и интермодалниот терминал „Квадранте Европа“ во Верона, како клучен железнички и патен јазол.
Холандскиот дел од проектот вклучува втора логистичка локација во областа на Северното Море во близина на Ротердам.
Дополнително, италијанските власти најавуваат дека во иднина во мрежата би можеле да се вклучат и приватни капацитети, вклучувајќи ги подземните комори на доломитниот рудник „Тасуло“ во долината Вал ди Нон (Трентино), каде што рударските простории веќе се користат за складирање.
Поттик за преработка и рециклирање во Европа
Освен како заштитен механизам за итни случаи, иницијативата е директно поврзана со спроведувањето на европскиот Акт за критични суровини и акцискиот план „RESourceEU“. Целта на Брисел е до 2030 година најмалку 10 проценти од годишната потрошувачка на стратешки суровини во ЕУ да доаѓа од домашно рударство, 40 проценти од домашна преработка и 25 проценти од рециклирање, при што зависноста од која било трета земја (како Кина) не смее да надмине 65 проценти.
Во регионот Венето веќе се преземаат конкретни чекори во таа насока, а меѓу нив е и договорот меѓу компаниите „Алкемија“ и „Интернешнл Графајт“ за развој на европски центар за преработка на батериски графит, со што се поставуваат темелите за целосни индустриски синџири околу новото стратешко складиште.



