Водородната технологија отвора простор за декарбонизација на рударството, Македонија подготвена за зелениот водород

Глобалната енергетска транзиција сè посилно ги поврзува рударската индустрија и секторот за обновливи извори на енергија.

Најновите научни истражувања во областа на производството на зелен водород покажуваат дека оваа технологија, покрај тоа што веќе се тестира и применува за намалување на јаглеродниот отпечаток на тешката рударска механизација, може директно да помогне и во обновувањето на загрозените морски екосистеми.

Кислородот како спас за океанските „мртви зони“

Производителот на зелен и обновлив водород, компанијата Лајф, активно истражува иновативен начин за решавање на еден од најголемите современи еколошки предизвици – деоксигенацијата на крајбрежните морски подрачја. Овој феномен, поттикнат од климатските промени и прекумерно таложење на хранливи материи од ѓубрива и отпадни води, веќе сериозно ги загрозува екосистемите во области како Балтичкото Море и Мексиканскиот Залив, создавајќи подводни „мртви зони“ без кислород во кои морскиот свет изумира.

При процесот на електролиза на вода, со кој се произведува зелен водород, молекулите на водата се разделуваат на водород и кислород. Додека кај копнените постројки овој кислород едноставно се испушта во атмосферата, Лајф испитува како кислородот произведен на нивните идни морски платформи би можел контролирано да се вбризгува директно во околните води. Целта на оваа реоксигенација е да се врати природната рамнотежа и да се овозможи опстанок на морските организми.

Зелениот водород важен за рударската индустрија

За рударскиот сектор, развојот на ваквите технологии за зелен водород има значење, пред се затоа што експанзијата на проектите за електролиза на вода директно ја зголемува потребата од специфични суровини. За производство на електролизери се неопходни метали од платинската група (платина и иридиум), како и никел и титаниум, што отвора нови пазарни можности за рударските компании.

Истовремено, рударството е под силен притисок да ги намали емисиите на стакленички гасови, особено кај тешкиот транспорт и преработката на руда. Масовното и поевтино производство на зелен водород на море и копно е предуслов за замена на дизел-горивото со водородни ќелии кај огромните рударски камиони.

Иновациите кои ги претвораат индустриските нуспроизводи во еколошка придобивка поставуваат нови стандарди за одржливост. Ова е особено важно за рударските компании кои работат во крајбрежни подрачја или развиваат проекти поврзани со морското дно, каде заштитата на биодиверзитетот е врвен приоритет.

Водородот веќе се применува во рударството и транспортот

Додека научниците бараат начини за еколошка примена на нуспроизводите, водородот како гориво веќе излегува од лабораториите и влегува во реална употреба кај најголемите индустриски играчи:

Компанијата Англо Американ го разви најголемиот водородно-батериски хибриден рударски камион во светот со носивост од 290 тони, кој веќе се тестира и применува во рудникот за платина Могалаквена во Јужна Африка со цел да ги замени дизел-камионите. Слично на нив, австралискиот гигант Фортескју го тестира својот прототип на водороден камион „Европа“ во регионот Пилбара, развиен во партнерство со производителот Лихбер.

Во комерцијалниот транспорт, производители како Волво и Дајмлер Трак активно тестираат тешки товарни камиони на водород на европските патишта, додека во Кина веќе сообраќаат околу 40.000 водородни камиони. Покрај транспортот, зелениот водород веќе се користи и во производството на „зелен челик“ и вештачки ѓубрива.

Дали е гориво на иднината?

Експертите и анализаторите од енергетскиот сектор се согласуваат дека водородот има огромен потенцијал, но предупредуваат дека очекувањата мора да бидат реални и прилагодени на пазарните услови.

Кај тешката механизација, како рударските дампери кои работат 24 часа на ден и носат стотици тони товар, класичните батерии се претешки и бараат предолго време за полнење. Водородот нуди брзо полнење (слично на дизелот) и голем домет без загуба на моќноста, што го прави незаменлив за декарбонизација на рударството, тешкиот транспорт и челичната индустрија. Покрај тоа, неговото производство ја зголемува побарувачката за платина, иридиум и никел, што е директен поттик за рударството.

Според најновите анализи на пазарот, главниот предизвик останува високата цена. Несубвенционираниот зелен водород сè уште е значително поскап за производство во споредба со фосилните горива и т.н. „сив водород“ (кој се добива од природен гас). Дополнително, недостига развиена инфраструктура за складирање и транспорт, поради што во последниот период беа одложени или откажани дел од најавените глобални проекти.

Заклучокот на индустријата е дека водородот нема целосно да ги замени батериите кај помалите возила, но со падот на трошоците за електролиза и со иновациите кои носат дополнителни еколошки придобивки тој се позиционира како најреалното гориво на иднината за најтешките индустриски гранки.

Гасниот интерконектор со Грција подготвен за зелен водород

Водородната транзиција не е само глобален тренд, туку станува опиплива реалност и во нашиот регион. Според податоците од Министерството за енергетика, рударство и минералн суровини и првата Национална водородна студија, гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција е технички проектиран и се гради како целосно подготвен за транспорт на 100% чист водород.

Сите цевки се сертифицирани според строгиот меѓународен стандард ASME B31.12, а стратешкиот фокус е ставен токму на пренос на зелен водород. Иако во првичната фаза цевководот ќе транспортира природен гас, тој е дизајниран постепено да премине кон мешавина со водород и на крајот кон целосен пренос на чист водород, позиционирајќи ја земјата како дел од идната Европска водородна мрежа и отворајќи нови перспективи за декарбонизација на домашната тешка индустрија и рударството.