Глобалниот синџир на снабдување со енергетски минерали доби нов клучен играч откако Критикал Металс Корп. официјално ги затвори сите процедури за аквизиција на Јуропиан Литиум Лимитед. Со овој стратешки потег, под една капа се спојуваат два од најважните европски проекти за чиста енергетска транзиција.
Како резултат на преземањето, Критикал Металс Корп. стекнува целосна сопственост врз проектот за литиум Волфсберг во Австрија, кој во моментов е првиот и единствен комплетно лиценциран рудник за литиум во Европа. Дополнително, компанијата сега има целосна контрола и врз масивниот проект за ретки земјени елементи Танбриз во Гренланд.
По финализирањето на ова спојување, консолидираниот биланс на Критикал Металс Корп. изнесува стабилни 264,5 милиони американски долари во готовина, што на менаџментот му обезбедува силен финансиски капацитет за брз развој и почеток на експлоатацијата на локациите во Австрија и Гренланд.
Волфсберг во Австрија
Проектот Волсберг Литиум е лоциран во регионот Корушка, на околу 270 километри југозападно од Виена. Станува збор за исклучително важен геостратешки капацитет за европската автомобилска индустрија.
Рудникот веќе ги поседува сите клучни дозволи за ископ од австриските власти. Локалната влада на Корушка издаде декрет со кој се забрзуваат процедурите, потврдувајќи го еколошкиот и одржлив профил на подземниот рудник кој зазема површина под 10 хектари на површината.
Проектот се потпира на децениски истражувања и има потврдени ресурси од околу 12,9 милиони тони сподумен со просечна содржина од 1% литиум оксид, што гарантира оперативен век на рудникот од најмалку 20 години.
Важноста на овој проект ја потврдува и склучениот обврзувачки договор со германскиот автомобилски гигант БМВ Груп, кој веќе уплати аванс од 15 милиони долари и има право на првенствено купување на 100% од произведениот литиум хидроксид за своите електрични возила.
Танбриз на Гренланд
Лоциран во јужниот дел на Гренланд, проектот Танбриз претставува еден од столбовите со кои Западот планира да ја скрши доминацијата на Кина во секторот за критични минерали. Со оваа трансакција, Критикал Металс Корп. го консолидираше сопственичкиот удел на 100% (од претходните 92,5%).
Танбриз располага со масивни 4,7 милијарди тони мулти-елементни суровини. Она што го прави уникатен е високата концентрација на тешки ретки земји (HREE), кои сочинуваат околу 27% од вкупниот волумен, што е далеку над индустрискиот просек. Овие елементи (како итриум, тербиум, диспрозиум) се клучни за воената индустрија, напредните магнети и воздухопловството.
Владата на Гренланд неодамна ги одобри Рударскиот план и Планот за затворање на проектот, со што компанијата доби зелено светло за управување со локацијата до 2050 година. Преостануваат уште неколку специфични оперативни дозволи пред да започне изградбата.
Локацијата има природна предност со директен пристап до длабоки фјордови кои овозможуваат прекуокеански бродски транспорт во текот на целата година директно кон Северниот Атлантик. Компанијата веќе одобри буџет од 30 милиони долари за забрзување на инфраструктурните и металуршките подготвителни работи, а почетокот на извозот на концентрати се очекува кон крајот на оваа деценија, при што 75% од планираното производство е веќе однапред договорено со купувачи.
Стратешко значење за европскиот пазар на батерии
Индустриските аналитичари го оценуваат ова преземање како клучен момент за европската автомобилска и технолошка индустрија. Со целосна контрола врз рудникот Волфсберг во Австрија, Критикал Металс Корп. се позиционира како водечки домашен снабдувач на литиум за европските гиганти кои произведуваат батерии и електрични возила.
Од друга страна, со целосното преземање на Танбриз во Гренланд – едно од најголемите наоѓалишта на ретки земјени елементи во светот, компанијата директно ќе помогне во напорите на Западот да ја скрши доминацијата на Кина во преработката на овие критични суровини.


