Мерц предупредува: Европа мора итно да формира стратешки залихи на критични суровини

Европската Унија мора итно да започне со акумулирање на сопствени стратешки резерви од критични минерални суровини со цел да ја намали силно изразената зависност од земјите кои доминираат во нивниот ископ и преработка, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Говорејќи на економската конференција „Ред произлезен од слободата“ во Берлин, Мерц го нагласи стратешкото значење на минералните ресурси за опстанокот на европската економија.

„Без критични суровини, нема да има батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту модерни полупроводници, како ниту една од бројните други технологии од кои нашите економии ќе зависат во иднина“, рече Мерц.

Германскиот канцелар претстави конкретен план со кој државите од блокот треба да одговорат на глобалните предизвици со снабдувањето.

Тој вклучува диверзификација на изворите, односно пронаоѓање нови партнерства за ископ надвор од традиционалните монополи, како и зајакнување на рециклирањето и интензивирање на кружната економија за повторна обработка на веќе искористените метали и минерали. Планот вклучува и формирање на заеднички стратешки магацини на ниво на ЕУ за ублажување на шоковите во пазарното снабдување.

Кинескиот монопол како безбедносен ризик

Како и останатите водечки западни економии, Европската Унија во моментов се соочува со огромна изложеност и зависност од Кина. Азискиот гигант контролира речиси 90% од глобалниот пазар на ретки земјени елементи и клучни компоненти за батерии. Ова претставува критична ранливост за европската одбранбена, авионската, автомобилска индустрија, како и за секторот за обновлива енергија.

Индустриските аналитичари веќе подолго време предупредуваат дека строгите кинески контроли врз извозот на суровини и магнети се користат како економски притисок, што дополнително ја наметна потребата од итна реакција во Брисел.

Бисел во трка со времето

Европската комисија веќе презема чекори за ублажување на кризата. Минатиот месец беа избрани 46 стратешки проекти за суровини кои ќе имаат корист од значително побрзо издавање на дозволи за експлоатација и олеснет пристап до јавно и приватно финансирање. Меѓу нив, значаен дел отпаѓа на проекти за ископ на литиум во Источна Германија, како и капацитети за рециклирање батерии.

Сепак, експертите од рударскиот сектор посочуваат дека отворањето на нови рудници и рафинерии има долг временски рок на реализација. Токму затоа, предлогот на Мерц за државно координирано купување и складирање на суровини се смета за неопходна преодна мерка која веднаш ќе обезбеди сигурност за европските преработувачки капацитети.