Од напуштени депонии до високотехнолошки суровини за ЕУ - АДРИА мрежата ги мапира „заборавените рудници“ на Западен Балкан

Рударството на Балканот има историја долга со векови, но со децении создавалo и значителни количества рударски отпад. Денес, токму тој отпад сè повеќе се гледа не само како еколошки проблем, туку и како потенцијален извор на суровини. За да се утврди каде се наоѓаат овие ресурси, колкави се нивните количества и што содржат, во регионот се спроведува систематско мапирање на рударските и металуршките отпадни локации.

Македонија е официјално интегрирана и активно соработува во рамките на АДРИА рударската мрежа, која функционира како регионален центар (EIT RawMaterials Regional Center Adria). Оваа мрежа е формирана во 2018 година од страна на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT) со цел да ги поврзе земјите од Источна и Југоисточна Европа (Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија) и да го поттикне развојот на критични суровини.

Од македонска страна, главни носители на соработката се научните и државните институции, пред сè Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип (Факултет за природни и технички науки), Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Геолошкиот институт на Македонија.

Еден од најважните проекти на оваа иницијатива е проектот Од отпад до производи (Balkans Waste to Products) преку кој македонските научници соработуваат со европските експерти за да направат дигитален регистар и анализа на сите домашни јаловишта и индустриски депонии.

Преку АДРИА мрежата, Македонија добива пристап до напредни сателитски и геофизички технологии на ЕУ за мапирање на теренот. Мрежата помага за ре-евалуација на македонските геолошки потенцијали, со посебен фокус на пронаоѓање алтернативни извори на метали кои се наоѓаат на критичната листа на ЕУ (како што е антимонот во Лојане или потенцијалните наоѓалишта на никел и кобалт).

Клучни бројки од првата фаза на мапирањето

Мрежата АДРИА, во тесна соработка со регионалните геолошки заводи и меѓународните иницијативи, веќе ја заврши првата, најважна фаза од мапирањето. За првпат се објавени прецизни, консолидирани податоци кои ја откриваат точната димензија на рударскиот отпад во нашиот регион.

Во регионот на Западен Балкан (Македонија, Србија, БиХ, Албанија, Црна Гора) се идентификувани и мапирани точно 344 милиони тони историски рударски и индустриски отпад.

Овој отпад е распреден на повеќе од 1.650 активни и напуштени локации (јаловишта и згури) низ петте земји.

Геолошките скенирања потврдија дека во овие 344 милиони тони отпад се кријат огромни количини на секундарен бакар, цинк, олово, сребро, злато, но и дефицитарни ретки земјени елементи. Новите технологии овозможуваат нивно ефикасно извлекување.

До каде се активностите

Во овој процес успешно е завршено грубото мапирање – лоцирани се сите „жешки точки“, внесени се во дигитални бази на податоци и направен е првичниот пресек на еколошкиот ризик по реките и почвите.

Мрежата моментално ги финансира македонските и регионалните факултети за земање физички примероци од јаловиштата. На пример, во рамки на студиите за јаловиштата во Пробиштип, со напредни методи е утврдено дека одредени фракции на песок содржат над 5.000 ppm (честички на милион) олово и 4.020 ppm цинк. Ова научно докажува дека отпадот е богат како примарна руда. Сепак, анализите покажаа дека материјалот ќе бара дополнително мелење во фабриките за да се одвојат корисните метали од јаловиот песок.

Следна цел за детални анализи во Македонија

Во Македонија три клучни локации се избрани за детални анализи поради нивниот висок индустриски потенцијал и итноста за еколошка санација.

Првата е јаловиштето на поранешниот рудник за хром и антимон Лојане. Оваа локација е апсолутен приоритет за детално дупчење поради нејзината екстремна токсичност, но и високата економска вредност на материјалот. Лабораториските дупчења треба да утврдат до која длабочина е навлезен арсенот во почвата, но примарно се анализира концентрацијата на антимон – метал кој се наоѓа на врвот на листата на ЕУ за критични суровини. Целта е да се развие соодветен хемиски процес кој безбедно ќе го одвои антимонот за индустријата, а арсенот ќе го неутрализира.

Втората се двете јаловишта во Пробиштип (Злетово). Старите јаловишта лоцирани во самиот град Пробиштип и околината со децении акумулирале отпад од флотацијата на оловно-цинкова руда.

Првичните површински анализи веќе покажаа присуство на високи концентрации на олово и цинк, но и траги од сребро. Новата фаза на длабинско дупчење има за цел да направи комплетен 3Д модел на јаловиштето. Се земаат примероци од различна длабочина за да се види како гранулацијата (големината на зрната песок) влијае врз процесот на повторна флотација.

Лабораториите на Технолошко-металуршкиот факултет тестираат методи за дополнително мелење и напредна сепарација со кои овие преостанати метали можат ефикасно да се извлечат.

Третата е депонијата со фосфогипс во Велес. На оваа депонија лежат 3,7 милиони тони отпад од некогашната Хемиска индустрија Велес.

За разлика од претходните две локации каде се бараат чисти метали, туку деталното лабораториско дупчење е насочено кон испитување на хемиската стабилност на фосфорот, сулфатите и флуорот во фосфогипсот. Се прават лабораториски експерименти за чистење на овој отпад од нечистотии со цел да се докаже дека тој може безбедно да се користи како суровина во македонските и европските фабрики за цемент и градежни материјали.

Имаме отпад кој содржи буквално сè

АДРИА мрежата ја рангира Македонија како геолошки најразновидна. На мал простор имаме отпад кој содржи буквално сè: од бакар и цинк, до ретки елементи како антимон и талиум.

Соработката во АДРИА мрежата е всушност „влезниот билет“ на Македонија во Актот за критични суровини на ЕУ. Преку оваа платформа, земјава престанува да биде третирана како територија каде само се копаат суровини, туку добива шанса да развие сопствени капацитети за рециклирање на индустрискиот отпад, користејќи врвна европска технологија и неповратни еко-грантови.