На вториот повик на Европската комисија за стратешки проекти, во рамки на Актот за критични суровини, конкурираат вкупно 160 пристигнати апликации. Овој бран од апликации потврдува дека Европа забрзано го развива сопствениот минерален потенцијал за да обезбеди стабилно снабдување на европската индустрија со клучни метали за зелената и дигиталната транзиција.
Повикот се затвори на 15 јануари 2026 година, а моментално овие 160 апликации поминуваат низ финална детална евалуација од независни експерти и се очекува наскоро ЕУ да ја објави финалната листа на одобрени проекти за овој втор бран.
Повикот привлече 95 апликации од територијата на земјите-членки на ЕУ и 66 апликации од трети земји и прекуокеански територии. Од овие надворешни апликации, 40 доаѓаат од земји со кои ЕУ веќе има потпишано стратешко партнерство за суровини.
Најголем дел од проектите се ориентирани кон стратешки важните индустрии. Дури 75 се насочени кон синџирот на вредност на батериите, додека 21 проект се фокусира на ретки земјени елементи за постојани магнети (клучни за одбранбениот сектор и обновливите извори како ветерните турбини).
Што добиваат избраните проекти?
Проектите што ќе го поминат деталниот процес на евалуација од независни експерти ќе добијат статус на „стратешки проекти“ на ЕУ и со тоа ќе уживаат поволности:
-Побрзо издавање дозволи: Времето за бирократските процедури и одобренија драматично се крати (од вообичаените десет години на максимум 27 месеци за екстракција).
-Олеснет пристап до финансирање: Отворени се можности за олеснети заеми преку Европската инвестициска банка (ЕИБ), грантови за развој и гарантирани договори за откуп на суровините од страна на европските индустриски гиганти.
-Строги еколошки стандарди: Забрзаните процедури не значат отстапување од еколошките правила; сите проекти мора да обезбедат силни научни проценки, мониторинг и финансиски гаранции за заштита на животната средина.
На првиот повик одобрени 60 проекти
Во првиот повик беа одобрени вкупно 60 стратешки проекти, од кои 13 се наоѓаат надвор од територијата на ЕУ (во трети земји).
Најголем дел од одобрените проекти се за нови рудници и преработка - дури околу 70-80% беа за екстракција и преработка (на пример, рудници за литиум, бакар и никел на европско тло и во партнерските земји). Причината е што на Европа итно ѝ се потребни примарни суровини бидејќи домашното производство во моментов е на исклучително ниско ниво.
Меѓу првите избрани проекти има неколку што добро ја покажуваат широчината на новата европска политика.
Во Норвешка, проектот Nussir е насочен кон ископување бакар, додека во Велика Британија Tungsten West е проект за волфрам. Во Украина е избран проектот Balakhivka Graphite Deposit, насочен кон графит за батерии. Во Канада Integrated Dumont Nickel Project опфаќа никел и кобалт.
Но, европскиот план не завршува со рудникот. Во фокусот се и преработката и рециклирањето, затоа што секој тон метал што може повторно да се искористи го намалува притисокот за нов ископ и зависноста од увоз.
Европскиот акт за критични суровини поставува цел до 2030 година 25 проценти од годишната потрошувачка на стратешки суровини во ЕУ да доаѓа од рециклирање. Затоа рециклирањето на електронски отпад, батерии, магнети и други индустриски производи станува составен дел од стратегијата за минерална безбедност.
Каде е Македонија во оваа приказна?
Македонија е во процес на усогласување на своите национални рамки со регулативите на Унијата, вклучително и подготовка на нов Закон за рударство и Стратегија за минерални суровини. Земјата располага со голем потенцијал за бакарна руда. Како најголема и најзначајна инвестиција во земјава се посочува потенцијалниот ископ во рудникот „Иловица-Штука“.
Но, Македонија можноста не треба да се гледа само низ прашањето: „Каде можеме да отвориме нов рудник?“
Подеднакво важно е и прашањето „Колку вредни суровини веќе имаме во старите јаловишта, депонии и отпад и можеме ли повторно да ги внесеме во економијата?“
Токму тука европската политика за критични суровини може да биде особено интересна за македонското рударство која може да се позиционира како земја што создава поголема вредност од сопствените минерални ресурси.



