Додека домашниот рударски сектор се соочува со континуиран пад и отсуство на нови рудници за метали повеќе од четири децении, глобалната трговска војна за критични суровини отвара неочекувана историска шанса за Македонија. Антимонот, полуметал кој претрпе ценовен шок со раст од речиси 300% на светските берзи и достигна историски максимум од 59.750 долари за тон, станува фокус на висок геополитички интерес. Причината е одлуката на Кина – која контролира речиси половина од глобалниот пазар – целосно да го забрани извозот на антимон во САД.
Во оваа констелација, македонските наоѓалишта експресно се позиционираат на глобалната мапа како сигурен алтернативен извор на критични минерали за западните пазари.
Колкави резерви има Македонија?
Македонија лежи на значителни резерви на антимон, лоцирани главно во три клучни наоѓалишта: Крстов Дол (Крива Паланка), Алшар (Кавадарци) и Лојане (Липково). Најактуелните геолошки проценки се фокусирани на реонот на Крива Паланка (село Луке). Но, проценките за Источна Македонија укажуваат на дополнителни неколку десетици илјади тони чисти резерви на антимон во неистражени паралелни структури.
- Крстов Дол и Луке: 2,92 милиони тони историски ресурс
Најголемиот напредок во моментов се случува во североисточниот дел на земјата. Проектот за рестартирање на рудникот за антимон Крстов Дол во близина на кривопланечкото село Луке веќе обезбеди сериозен меѓународен капитал.
Рудникот Крстов Дол е затворен во 1981 година поради тогашните ниски берзански цени. Дотогаш биле ископани само околу 50.000 тони руда. Според официјалните евиденции, локалитетот располага со историски ресурс од 2,92 милиони тони руда, со значителен потенцијал за дополнителни количини во неистражените паралелни структури.
Австралиската компанија Пела Глобал поседува концесија за истражување на оваа локација. Компанијата потпиша договор за финансиска поддршка вреден 5 милиони долари со американската владина агенција U.S. International Development Finance Corporation (DFC) за финализирање на геолошките истражувања, кои, спорд надлежние се при крај.
- Алшар и Лојане
Освен Крстов Дол, Македонија има уште две значајни историски точки кои будат интерес кај геолозите.
На локалитетот Лојане (Липково) научните истражувања имаат дефинирано комплексни антимонско-арсенски руди. Во наоѓалиштето се идентификувани економски интересни асоцијации на антимон, арсен и никел, како и траги од сребро, кобалт и молибден.
Рудникот Алшар (Кавадарци) е светски познат по кристалите на антимонит (стибнит – главен минерал за добивање антимон) и реткиот лорандит. Алшар останува предмет на строг интерес поради специфичниот минералошки состав.
Економски бенефит за државата
Фирмата концесионер во Луке сè уште ја нема добиено финалната дозвола за експлоатација, туку ги завршува законските фази на детален геолошки извештај. Министерство за енергетика и минерални сурови најави дека секој чекор ќе биде под строг институционален надзор.
За македонската економија, каде рударството учествува со 10,9% во индустриското производство и со 2,8% во вкупниот извоз (доминантно преку олово, цинк и бакар), активирањето на антимонот ќе донесе нова диверзификација. Дополнително, со оглед на тоа што 78% од концесиските надоместоци законски одат директно во буџетите на локалните општини, проектите како овој во Крива Паланка можат да значат финансиска преродба за локалната самоуправа.
Новиот развој на настаните се поклопува со финализирањето на новата Стратегија за минерални суровини и измените во Законот за рударство. Целта на овие регулативи е да се наметнат највисоки еколошки стандарди, со цел да се спречат минатите грешки и оправданиот страв на еколошките здруженија од создавање на нови „еколошки бомби“ во државата.
Модерното рударство обезбедува целосна еколошка сигурност
Најголемиот страв на јавноста е поврзан со употребата на хемикалии и управувањето со отпадната вода во јаловиштата. Застарените технологии за депонирање во некакошниот рудник Лојане оставија незаштитени јаловишта кои со децении се опасност за околината.
Меѓутоа, модерното рударство користи радикално поинакви стандарди од оние пред четири децении за целосна еколошка сигурност.
- Затворени водни кругови
Денешните модерни погони за флотација користат 100% затворен циклус на технолошка вода. Водата што се одвојува од концентратот и јаловината целосно се филтрира, прочистува и се враќа назад во процесот на мелење и флотација. Нема испуштање на процесна вода во околните речни корита.
- Биоразградливи хемикалии
Старите, токсични и тешко разградливи колектори денес се заменети со модерна генерација ксантати и дитиофосфати кои имаат краток век на полураспаѓање. Овие соединенија брзо се неутрализираат и разградуваат под влијание на сончевата светлина (УВ зрачење) и кислородот уште во самиот процес или во првите фази на таложење.
- Суво депонирање на јаловина:
Наместо традиционалните „течни“ јаловишта кои носат ризик од пробивање на браните, модерните еколошки решенија вклучуваат преси за филтрирање кои ја отстрануваат водата од јаловината до степен на влажна почва. Овој сув остаток механички се депонира и веднаш се рекултивира (се покрива со хумус и се засадува со вегетација), со што целосно се елиминира ризикот од прашина или истекување.
Со примена на овие BAT (Best Available Techniques) технологии кои се пропишани и со строгата ЕУ-регулатива, флотацијата на антимон во Македонија може да се изведе со минимално, речиси занемарливо влијание врз животната средина, трансформирајќи го проектот од потенцијален еколошки ризик и пример за одржливо „зелено“ рударство.



