makedonija-pod-zemja

Брисел прогласи oсум нови проекти за ископување на руда за стратешки

Во рамките на историскиот втор бран поддршка за спроведување на Актот за критични суровини (CRMA), Европската комисија минатата недла официјално даде зелено светло за осум клучни стратешки проекти за екстракција (рударство). Овие проекти имаат за цел да го вратат приматот на европското рударство и драматично да ја намалат зависноста на Унијата од увоз на метали неопходни за зелената и одбранбената индустрија.

Статусот „Стратешки проект на ЕУ“ на овие рудници им носи револуционерни бенефиции: забрзани бирократски процедури со кратење на рокот за добивање градежни и еколошки дозволи на најмногу 27 месеци, како и директен олеснет пристап до милионски фондови и поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Во продолжение ви ги претставуваме осумте избрани рударски проекти со специфични детали за нивното значење и суровините што ќе ги испорачуваат на пазарот:

Финска и Шведска како суровински јадра

Финска се зацврстува како апсолутен рударски лидер во ЕУ со дури три нови капитални проекти за екстракција:

• Финска

Проектот „Хауталампи“ е стратешки лоциран во источниот дел на земјата. Проектот е клучен за европската автомобилска индустрија бидејќи ќе испорачува бакар, кобалт и никел со батериски квалитет, директно наменети за гигафабриките за литиум-јонски батерии во Европа.

Проектот „Сокли“ опфаќа едно од најголемите светски наоѓалишта на карбонатит во Лапонија. Рудникот е прогласен за стратешки поради огромниот потенцијал за екстракција на ретки земјени елементи (REE), фосфор и железо, неопходни за високотехнолошките сектори.

Проектот „Суханко“ започнува со експлоатација во северниот дел на Финска. Овој рудник ќе произведува бакар, никел од батериска класа, но и метали од платинската група како паладиум и платина, кои се критични за катализатори, водородни технологии и електроника.

• Шведска

Проектот за бакар „Вискарија“ претставува реактивирање и модернизација на познатиот рудник во Кируна. Фокусот е ставен на чиста експлоатација на висококвалитетен бакар, со примена на највисоки еколошки стандарди карактеристични за шведскиот рударски сектор.

Нови рудници во Грција и Полска

Во соседна Грција, рудникот „Скуриес“, лоциран на полуостровот Халкидики, претставува еден од столбовите на јужноевропското рударство. Станува збор за висококвалитетно наоѓалиште на злато и бакар, каде со помош на ЕУ фондовите се имплементира напредна технологија за суво одлагање на јаловината, што драстично го намалува еколошкиот отпечаток.

Екстракција на наоѓалиштето Реткув-Гродишче во Полска доби стратешка поддршка за развој и експлоатација на нови длабоки наоѓалишта на бакар и сребро. Со ова, Полска ја зацврстува својата позиција како најголем производител на примарен бакар на европското тло.

Пиринејски придонес за дефицитарните суровини

Рударскиот проект „Бораља“ во Португалија е рудникот кој е од витално значење бидејќи е фокусиран на екстракција на волфрам кој е метал со екстремна цврстина и е незаменлив во воената одбранбена индустрија, воздухопловството и за изработка на индустриски алати за сечење.

Во Шпанија проектот „Кобре Сан Рафаел“ доби зелено светло за рестартирање и одржлива експлоатација на рудникот „Туро“ во Галиција. Проектот примарно ќе испорачува бакар, таргетирајќи ги регионалните потреби на европските производители на кабли и обновливи извори на енергија.

Издавањето на овие осум стратешки дозволи за копање покажува дека Европа го претвора рударството во модерна, стратешки заштитена и профитабилна индустрија.