Акциите на компаниите за ретки земјени елементи во пораст по обновувањето на трговската војна

Акциите на западните рударски компании кои се занимаваат со експлоатација и преработка на ретки земјени елементи забележаа нов бран на раст на светските берзи. Ова раздвижување доаѓа како директна реакција на обновувањето на трговската војна меѓу САД и Кина. Инвеститорите масовно вложуваат во алтернативни извори надвор од Кина, стравувајќи од долгорочни прекини во снабдувањето со овие суровини кои се клучни за воената индустрија, чиповите и зелената транзиција.

Повод за најновиот пазарен скок беа острите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите закани за воведување високи царини за кинескиот увоз како одговор на претходните рестрикции од страна на Пекинг. Иако реториката во меѓувреме благо омекна со цел да се избегнат директни штети по глобалната економија, пазарите веќе реагираа на зголемениот геополитички ризик.

Пазарен скок на западните рударски компании

Веднаш по заострувањето на тонот меѓу двете суперсили, цените на акциите на водечките компании во секторот за критични минерали во САД, Канада и Австралија силно пораснаа.

Критикал металс забележа еден од најголемите скокови на берзата, етаблирајќи се како лидер во новиот бран на пазарен моментум. Значителен раст забележаа и акциите на Ем-Пи материјалс, компанија која управува со единствениот активен рудник за ретки земјени елементи во САД. Двоцифрен пораст на вредноста на своите акции забелжа и американската компанија Ју-Ес-Еј реар ерт, како и Рамако рисорис и Енерџи фуелс.

Од друга страна, акциите на кинеските гиганти како што е Чајна нордерн реар ерт се соочуваат со зголемена нестабилност. Ова се должи на привремените прекини и дипломатски прилагодувања во трговските договори, што внесува дополнителна несигурност за кинеските извозници.

Кинескиот монопол како стратешко оружје

Западот веќе со години се обидува да ја намали својата зависност, но реалноста на терен покажува дека Кина сè уште контролира над 90% од глобално преработените ретки земјени елементи и постојани магнети. САД во моментов се потпираат на Кина за дури 80% од својот увоз на овие материјали.

Пекинг веќе ја покажа својата подготвеност да ја искористи оваа доминација како моќен преговарачки чип во трговските спорови. Преку воведувањето на рестриктивни извозни лиценци за клучни тешки ретки земјени елементи (како диспрозиум и тербиум), кинеското Министерство за трговија претходно предизвика огромни ценовни разлики помеѓу кинескиот и меѓународниот пазар, директно влијаејќи врз автомобилската индустрија и производителите на воена опрема на Западот.

Дополнителен притисок за пазарите претставува таканареченото „правило од 0,1%“. Станува збор за најавената екстратериторијална рамка на Кина со која би се барале посебни извозни дозволи за сите странски производи (вклучувајќи магнети и електроника) кои содржат дури и минимални траги од кинески ретки земјени елементи или се произведени со помош на кинеска технологија. Овие мерки беа привремено суспендирани како дел од дипломатското примирје меѓу Трамп и Си Џинпинг, но нивното евентуално активирање постојано виси над главите на инвеститорите.

Пентагон и Вајтхаус одговараат со милијарди

Со цел да се скрши кинескиот „канџа-зафат“ врз критичните суровини, американската администрација презема агресивни финансиски мерки.

Администрацијата на Трамп започна да ги трансформира досегашните федерални грантови за домашните рударски компании во директни сопственички удели со цел побрзо да го засилува домашното производство од рудник до магнет.

Истовремено, Пентагон ги забрза плановите за создавање стратешки залихи на критични минерали во вредност од 1 милијарда долари.

Банкарските гиганти, предводени од Џеј-Пи Морган Чејс, најавија планови за инвестиции до 10 милијарди долари наменети за поддршка на националната безбедност и развој на инфраструктура за критични минерали.

Внимание за инвеститорите

Економските аналитичари предупредуваат дека иако во моментов секторот за ретки земјени елементи е исклучително атрактивен за шпекулативно тргување, ризиците остануваат високи. Доколку Вашингтон и Пекинг постигнат ненадеен трговски компромис или ново продолжување на примирјето, цените на акциите на западните рударски компании би можеле нагло да паднат.

Сепак, долгорочниот тренд покажува дека изградбата на целосно независен синџир на снабдување на Западот веќе не е прашање само на економска исплатливост, туку на национална безбедност.