Во првиот повик за стратешки проекти на ЕУ во рамки на Актот за критични суровини (CRMA), рециклирањето на згура и јаловишта беше речиси целосно изоставено. ЕУ во првиот бран беше под паника да обезбеди литиум и графит за автомобилската индустрија. Поголемиот дел од индустриските згури и рударски отпади содржат примарно базални метали (бакар, цинк, олово) или тешки минерали, кои во тој момент не беа во апсолутен фокус на Брисел.
Но, успешните комерцијални примери за извлекување ретки метали од старите јаловишта и згура придонесоа во актуелниот втор повик на ЕУ да се отвори широк простор за апликации поврзани со искористување на историскиот рударски отпад.
Колку е исплатливо рециклирањето на јаловишта и згура?
Според опсежните економски студии на Европската истражувачка мрежа за рударски отпад (NEW-MINE), само 5% од јаловиштата се профитабилни исклучиво преку вредноста на металите. Тоа се локации каде старите технологии во минатото оставиле исклучително високи концентрации на скапи метали (како злато, сребро, бакар или антимон).
Мешутоа преостанатите 95% стануваат исплатливи преку „моделот на двојна вредност“. Односно, извлекување на критичните метали (на пр. 1-2% бакар или цинк) и секундарен профит - преработка на преостанатата згура во градежни материјали.
Чистата силикатна троска масовно се продава на цементарниците како одличен додаток за бетон, асфалт и патна инфраструктура, со што се елиминира трошокот за нејзино депонирање. Дополнително, државите често ги субвенционираат овие проекти бидејќи трошокот за чистење на депонијата преку рециклирање е многу помал отколку класичната државна санација.
Успешни примери во светот и Европа
Постојат одлични комерцијални примери кои докажуваат дека искористувањето на јаловиштата и згурата е исплатлив бизнис.
Шведска (Проектот „Boliden“ - Рудник Роншер): Компанијата Boliden управува со една од најнапредните топилници во светот. Тие ја рециклираат сопствената историска згура преку процеси на фуминг, при што успешно извлекуваат дополнителен цинк и олово, а остатокот го продаваат под брендот Iron Slag како градежен материјал за нордиските патишта.
Белгија (Компанијата „Umicore“): Глобален лидер во кружната економија. Нивната фабрика во Хобокен е специјализирана за преработка на екстремно комплексен индустриски отпад, нуспроизводи од топилници и згура. Од овој материјал тие успешно извлекуваат 17 различни благородни и критични метали.
Чиле и Кина (Напредна флотација на бакарна згура): Во овие земји, каде рударството е клучно, фабриките масовно користат напредна флотација на згура со која враќаат во оптек до 98% од преостанатиот бакар, трансформирајќи го отпадот во нула-отпад производство.



