Компанијата Ларвото Ресурсис го произведе првиот концентрат на злато и антимон од својот рудник Хилгров во Нов Јужен Велс, откако ја заврши обемната програма за ревитализација и надградба на постројката според најдобрите светски практики.
Поради строгите австралиски закони за заштита на водите, рудникот го елиминираше ризикот од еколошки катастрофи предизвикани од рударски отпад со примена на технологија за суво филтрирање наместо традиционални течни јаловишта. Овој метод овозможува 100% затворен воден круг и дополнително овозможува преобработка на историскиот отпад во нов извор на профит и трајна санација на теренот.
Компанијата инвестираше во најсовремени италијански филтер-преси со кои за првпат во историјата на овој рудник отпадот се суши под висок притисок (на под 9% влажност) пред да се складира како цврста маса.
Зголемување на производството
Се очекува Хилгров да произведува околу 4.900 тони антимон и 40.500 унци злато годишно во текот на почетниот осумгодишен работен век на рудникот, при што компанијата веќе обезбеди обврзувачки договори за откуп на двата производи.
Извршниот директор Рон Хикс вели дека пуштањето во употреба на флотацискиот систем и филтер-пресите за концентрат, што овозможи производство на првиот концентрат на компанијата, претставува најнова во низата значајни пресвртници постигнати во рудникот и го продолжува процесот кон воспоставување стабилно и континуирано работење.
За Хикс, производството на првиот концентрат исто така ја зацврстува позицијата на Хилгров како нов и глобално значаен извор на антимон – суштински и критичен минерал за кој постои зголемена побарувачка од страна на западните влади.
„Нашиот фокус останува на зголемување на производството во Хилгров до проектираниот капацитет и на развојот на проектот во долгорочен рударски потфат за критични минерали, кој ќе функционира со децении“, заклучува тој.
Затворениот рудник во ценарот на глобалната трка
Рудникот Хилров има фасцинантна историја – златото на оваа локација е откриено уште во далечната 1857 година. Модерното рударство започнало во 1969 година, но во 2014 година рудникот бил конзервиран и ставен во фаза на мирување поради тогашните екстремно ниски цени на антимонот на светските берзи.
Компанијата Ларвото Ресурсис во декември 2023 година го откупи тогаш затворениот и неактивен рудник од глобалниот трговски гигант Трафигура за само 8 милиони австралиски долари. Денес, по рестартирањето на рудникот, вредноста на компанијата на берзата во Сиднеј скокна на речиси 595 милиони долари.
Хилгров е инаку најголемото наоѓалиште на антимон во Австралија и се рангира на 8то место во светот. Кога ќе постигне целосна оперативност, рудникот сам ќе задоволува околу 7% од вкупната светска побарувачка за антимон, што претставува повеќе од половина од понудата надвор од Кина.



