Вашингтон создаде огромни резерви на бакар што предизвика дефицит во светот и ги вивна цените на црвениот метал

До неодамна, пазарот на бакар се набљудуваше исклучиво низ призмата на класичната економија. Кога цената на бакарот растеше, тоа беше знак дека глобалната индустрија се загрева, кога паѓаше, сигнализираше рецесија. Но, времињата се сменија. Денес, црвениот метал официјално стана геополитичко оружје, а Белата куќа го третира како прашање од национална безбедност.

Во Вашингтон веќе не се дебатира само за каматните стапки и инфлацијата. Стратезите во Пентагон и Одделот за трговија на САД будно ги следат двата клучни столба на овој пазар: контролата над рудниците и движењето на цената на светските берзи од причина што оној што го контролира бакарот, ќе ја контролира технолошката и енергетската иднина.

Американската „планина од бакар“

Најдобар доказ за тоа колку Вашингтон стана агресивен на овој пазар е тековната трговска тактика. Преку постојани закани за воведување високи увозни царини (кои се движат од 15% па сè до 50% за рафиниран бакар), САД успеаја да направат нешто незамисливо: предизвикаа масивен одлив на бакар кон американските складишта.

Трговците, стравувајќи од претстојните давачки што треба да стапат на сила, брзаат да го внесат металот на американско тло. Како резултат на тоа во САД во моментов се наоѓаат над еден милион метрички тони бакар, што претставува околу 70% од вкупните познати светски залихи на берзите. На овој начин, Вашингтон изгради втора најголема стратешка резерва во светот (веднаш зад Кина), притоа не трошејќи ниту еден долар од државниот буџет за купување на самиот метал.

Сепак, оваа „бакарна планина“ создава дефицит во остатокот од светот. Додека Америка е преплавена со суровина, на лондонската (LME) и шангајската берза цените уриваат рекорди, надминувајќи ги историските 14.500 долари за тон.

Зошто цената е безбедносен аларм за Пентагон?

Покрај тоа што високата цена ја отежнува транзицијата кон електрични возила и обновливи извори, Вашингтон внимава на цената поради уште поважен сектор: воената индустрија и вештачката интелигенција (ВИ).

Модерните дата-центри кои ја напојуваат вештачката интелигенција бараат енормни количини електрична енергија и софистицирани кабли. Секое поскапување на бакарот директно ги зголемува трошоците за развој на американската технолошка супериорност. Истовремено, паметното оружје, чиповите, радарските системи и воената авијација се комплетно зависни од стабилно снабдување со бакар со висок квалитет. Дивиот раст на цената го прави американскиот одбранбен сектор поскап и поранлив.

Топењето и рафинирањето на бакарот

Ахиловата петица на САД не е ископувањето, туку преработката. Иако Америка има свои рудници и развива билатерални партнерства со земји богати со ресурси како Австралија и Демократска Република Конго, Кина и понатаму контролира над 45% до 60% од глобалните капацитети за топење и рафинирање на бакар.

Токму тука лежи геополитичкиот парадокс кој го загрижува Вашингтон: дури и кога американските компании копаат бакар во сопствената земја или во Јужна Америка, суровиот концентрат често мора да се прати во Кина за да се претвори во чист метал. Доколку Пекинг одлучи да воведе строги извозни рестрикции за рафиниран бакар (слично како со ретките земјени елементи), американските фабрики ќе останат без клучната суровина.

Затоа, администрацијата во Вашингтон сега итно наменски пренасочува милијарди долари, вклучувајќи 2 милијарди долари за зајакнување на националните воени залихи и 5 милијарди долари за инвестиции во синџирите на снабдување преку специјални фондови за индустриска база. Целта е итно градење на сопствени топилници и капацитети за преработка на тлото на САД и кај сојузниците.

Што значи ова за помалите земји?

Оваа глобална шаховска партија меѓу Вашингтон и Пекинг целосно го менува рударскиот пејзаж. Земјите кои поседуваат наоѓалишта на бакар одеднаш се наоѓаат во позиција на моќ. Во нашиот регион, држави како Турција, Грција и Бугарија веќе ги активираат своите ресурси за да фатат приклучок со западната побарувачка. Од друга страна, Македонија, со проекти кои сè уште чекаат старт, ризикува да го преспие овој историски момент кога бакарот буквално се плаќа со вредност на злато.

Времето кога бакарот беше само досаден индустриски метал помина. Светот навлегува во ера каде рударството веќе не е само бизнис за профит, туку прва линија на глобалниот геополитички фронт.