Долго време рударството се гледаше пред сè како традиционална индустрија која е важна за вработувањето, извозот и локалните економии, но сепак само една од гранките на економијата. Денес перспективата се менува. Бакарот, литиумот, никелот, графитот, ретките земјени елементи и низа други минерали повторно стануваат прашање на економска безбедност, индустриска политика и геополитика.
Причината е едноставна: современата економија не може да функционира без нив. Електричните мрежи, батериите, обновливите извори, електричните возила, полупроводниците, центрите за податоци, телекомуникациите и одбранбената индустрија зависат од стабилното снабдување со минерални суровини. Меѓународната агенција за енергетика во својот најнов извештај оценува дека критичните минерали се преместиле во центарот на енергетските, економските и националните безбедносни политики.
Тоа ја менува и вредноста на рудникот. Денес прашањето повеќе не е само колку тони руда може да се извадат, туку што може да се создаде од таа руда, каде ќе се преработи, кој ќе ја контролира технологијата и колкав дел од додадената вредност ќе остане во земјата.
Од природно богатство до економска моќ
Новата минерална трка денес не се води само меѓу компаниите што бараат нови наоѓалишта. Во неа се вклучуваат државите, финансиските институции и индустриите што зависат од суровините.
Причината е и во тоа што отворањето нов рудник е долг и скап процес. За бакарните проекти, на пример, потребни се милијарди долари инвестиции, а развојот може да трае со години. Во услови на растечка побарувачка и геополитички ризици, големите рударски компании повторно бараат партнерства, спојувања и поголема контрола врз ресурсите и синџирите на снабдување.
Но, минералното богатство само по себе не гарантира развој. Земја може да има значајни резерви, а сепак најголемиот дел од економската вредност да се создава надвор од неа – во топилници, рафинерии, фабрики за материјали и производи со повисока додадена вредност.
Европа не сака само руда, туку цел синџир
Европската унија веќе отворено ја третира достапноста на критичните минерали како прашање на конкурентност и економска безбедност. Европскиот акт за критични суровини поставува цел до 2030 година ЕУ да обезбедува 10 проценти од своите потреби преку сопствена екстракција, 40 проценти преку преработка и 25 проценти преку рециклирање. Дополнително, не повеќе од 65 проценти од потребите за одредена стратешка суровина на релевантно ниво на преработка треба да доаѓаат од една трета земја.
Притоа, Европа не се обидува само да отвори нови рудници, туку сака да изгради синџир, односно од истражување и добивка на минералот, преку преработка и рафинирање, до производство и рециклирање.
Во 2025 година ЕУ одобри 60 стратешки проекти во рамките на CRMA, вклучително и проекти надвор од Унијата, токму со цел да се диверзифицира снабдувањето и да се зајакнат европските капацитети.
Со планот RESourceEU, ЕК дополнително ја поврзува минералната политика со економската безбедност и предвидува нови механизми за инвестиции, заеднички набавки, пазарно разузнавање и поддршка на стратешки проекти.
Рудникот повторно станува индустриска политика
Ова значи дека рударството повторно се враќа во центарот на индустриската политика. Ако во минатото главното прашање било како да се обезбедат инвестиции за отворање рудник, денес прашањето е пошироко: како рудникот да стане почетна точка за развој на цела економска активност.
Тоа може да значи преработка на концентратот, производство на метали и материјали, развој на опрема и технологии, инженерски услуги, лаборатории, истражувачки центри, рециклирање и повторно искористување на секундарни суровини.
Токму затоа и јаловиштата, металуршките отпадоци и старите рударски локации сè повеќе се разгледуваат како потенцијални секундарни извори на вредни минерали. Новата економика на рударството не завршува кога рудата ќе излезе од јамата или копот.
Важно прашање за Македонија
За Македонија оваа промена отвора важно прашање. Земјата има долга рударска традиција, инфраструктура, знаење и човечки капитал, но новата минерална економија бара повеќе од традиционалниот модел на екстракција.
Оттука, вистинската можност за Македонија не е само во тоа да произведува повеќе руда. Многу поважно е да се постави прашањето што може да се направи со неа.
Дали може да се зголеми домашната преработка? Дали од постојните ресурси може да се извлекуваат повеќе минерали? Дали старите јаловишта можат да станат нов извор на суровини? Дали може да се привлечат инвестиции во технологии, лаборатории и производство со повисока додадена вредност?
Затоа, новата рударска политика не треба да заврши со прашањето „колку руда имаме“, туку многу поважно прашање е „колку вредност може да се создаде од неа?“.
Токму тука рударството престанува да биде само сектор на примарно производство и станува дел од поширока економска стратегија.



